МОСТОВИТЕ НА ПАРИЗ – НИНА БОЖИДАРОВА
декември 5th, 2011 by literaturaОткако се преселив, многу луѓе почнаа да ми завидуваат.
Еден вид, што знаеш за твојот живот, таму во светкавиот, порочен, блескав на вечниот дожд вечен град Париз…
Да, навистина, што ли знам… Знам дека сега живеам под Новиот мост, кој што всушност е најстариот. И за време на особено пороен дожд тече. Како студентска мансарда. Но, јас не им го раскажувам тоа за време на нашите ретки средби на јадранското крајбрежје. Тече и тече.
Јас велам, живеам под Новиот мост. А тие се намрштуваат во одговор “Е, а пак ние сме си цело време таму, под мостот Чавдар”.
Да, таму живеевме на времето, кога на вратовите ни висеа златни ланци. Скромно кажувавме “живеам во провинција, а тука, под мостот Чавдар, имам склад”. Чавдар, за тие што не знаат, е витез или на француски шевалие. Тука ја сакаат јаснотијата на поимите.
Така во складот складиравме, натрупувавме и вршевме размена на роба.
Менувавме луѓе за предмети, течности за пријатели, пријатели за слобода. Последното се случуваше ретко. Секогаш ни се наоѓаше по некој златен ланец да оставиме во полициската станица. Знаевме на кого да го дадеме и како да го замотаме, та ем да се гледа, ем да не блеска…
Од таа размена почна да ми се врти свест. Паднав во депресија, се склопчив под мостот Чавдар. Тој е горе-долу нов и горе-долу во центар. Не тече , дури е и топло. Ги симнав ланците, оставив сé и гледав во плочникот.
Треба да истакнам, дека мостот Чавдар е мост над ништото. Под него нема река во чии матни води можеш да гледаш, додека пиеш вино. Под него има само плочник и деловни луѓе зафатени со размена.
И јас си седев и се чудев каде.
И еден ден ми се причини дека немам избор. Париз е единственото што ми останува, до крајот на визата ми остануваа десет дена. Тоа беше одамна и за таму сé уште требаа визи. И јас заминав за Париз.
Порано обично одев до Белград, поблиску и без јазична бариера. А и имав таму братучед.
Но, сега Белград не е тоа, што беше. А и братучедот стана молчелив и зашеметувачки мажествен.
Белград, Белград, убав град, Белвил, Париз, Новиот мост…
Во последно време врне, врне без крај. Новиот мост тече. Едноставно е многу стар.Најстариот во Париз. Кон старците секогаш сме снисходливи, како кон антиквитетите, кон музеите, кон странците, освен што ова последното е под знак прашалник. Затоа и јас не се преселувам, ако го оставиме Новиот мост тој ќе е осамен, кога во матната река Сена се леат поплави. Неодамна напишав стихотворба. За Сена. После еден англичанец ми рече дека била од Вијон. Тој бил професор по француски во Итака. Итака има и во Америка, и во митологијата, а тој не уточни. Сепак му верувам, се познаваме одамна, нема зошто да ме лаже. Вијон, значи Вијон.
Седевме ние во Итака со англичанецот, а таму сите беа по сандали, си мислев „боже колку е студено“, но што ли не се прави заради пустиот имиџ. А и не сакавме да видат дека сме странци. Та си мрзнавме по сандали и молчевме, да не ни го слушнат акцентот. Старите грци како сите цивилизирани народи се однесуваат сомничаво кон групите странци под мостот. Се чудев дали тој мост навистина е грчки или повторно нé лажат… мостот беше од армиран бетон и сомнително наликуваше на мостот Чавдар. После Вијон неочекувано срипа и рече “си ме украл, графоману проклет”… Се степавме. Сите се свртеа против мене… и некаков грк од митско-американската Итака заби нешто остро во мојата нога. Отворив очи. Англискиот професор ме тегнеше за ногата и чудно зашто ми рече на руски: “Водата се подигнала во текот на ноќта. Ќе замрзнеш”. Се обидов да станам. Вијон рече дека е многу доцна. Водата на матната Сена многу долго плискала околу моите колена… Тој имаше мобилен телефон. Се јави во брза помош, а и нели зборуваше без акцент… на старофранцуски…
Во колата беше топло и мирисаше пријатно. Јас заспав.
Кога отворив очи над мојот кревет се наведнуваше некаков србин. Не можам никогаш да згрешам србин, а и на мантилот му се нишаше плочка “Др. Милорад Павиќ”.
- Сум ве читал. Реков јас снисходливо.
Милорад Павиќ се насмевна:
- Просто презимењак. Каде ќе одите сега? Мостот веќе го нема.
Д-р Павиќ погледна низ прозорецот, за да ги докаже своите зборови со факти… Му верував, што е полесно за еден мост…
Мостот Чавдар беше исчезнал така ненадејно како што се беше појавил Новиот мост и целата таа неизбежна егзистенцијална зависност од мостовите.
Јас се обидов да ги свиткам рамениците, колку што ми дозволуваше состојбата… Тоа немаше особено значење… тоа беше мојот свет за многу долго… И сега беше изместен од обемното присуство на доктор Павиќ. Му го уловив погледот што се лизгаше по мојот кревет.
А таму немаше ништо… само еден идеално оптегнат чаршав.
Превод од бугарски: Костадин Голаков